Хрватско-словенeчкиот договор во опасност

Љубљанскиот договор меѓу Јадранка Косор и Борут Пахор за деблокада на хрватските преговори со ЕУ и решавањето на хрватско-словенечкиот граничен спор, е во опасност и во Словенија и во Хрватска.
Опозиционите и популистичките политичари во двете земји скокнаа на нозе – словенечките политичари сметаат дека нема доволна гаранција дека на крајот ќе добијат контакт со меѓународните води, а хрватските ја обвинуваат премиерката Јадранка Косор дека однапред се откажала од дел од територијалните води.
Главната критика на опозицијата се сведува на согласноста на премиерката Јадранка Косор продолжувањето на преговорите да се темели на вториот предлог на Рен. Во тој предлог, потсетуваме, уфрлен е зборот „спојување“ (на англиски „junction"), што според меѓународното право може да се сфати и како територијален контакт. Претседателите на Социјалдемократската партија на Хрватска - Зоран Милановиќ и на Хрватската народна партија – Радимир Чачиќ, како и претседателскиот кандидат на Истарскиот демoкратски сабор – Дамир Кајин, во тоа гледаат опасност за територијалниот суверенитет на Хрватска.
Полни раце работа за Косор и Пахор
Чачиќ ги сумира причините за стравувањата: „Недвосмислено се зборува за директен пристап, точката на контакт со отворено море. Дали има уште нешто што не е речено, а може да ги загрози нашите национални интереси, тоа допрва ќе видиме.“
Премиерката Косор повеќепати демантираше дека освен писмото упатено до шведското претседателство на Европската унија, е постигнат некаков друг договор. По се‘ тоа, следеше оставката на академикот Даворин Рудолф, на должноста претседател на хрватскиот дел на Мешовитата хрватско-словенечка комисија за составување на нацртот на спогодбата за решавање на граничниот спор. Рудолф важи како упорен застапник за правно решение.
Според се‘, очигледно е дека Косор и Пахор ќе имаат полни раце работа за да ја добијат политичката поддршка за Љубљанскиот договор, а и допрва треба да се договори што ќе содржи арбитражниот договор, на чии темели ќе биде зацртана границата.
|